Автопатот Кичево – Охрид ќе чини поскапо, рокот за изградба пролонгиран

Крајниот рок за изградба на автопатот Кичево – Охрид ќе биде 30 јуни 2021 година, информираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека, потребата од продолжување на рокот за доизградба на овој капитален проект се јавува поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и променливата геологија на теренот која не одговара со онаа предвидена во проектот.

„Поради тоа, потребно е повторно проектирање на тунелското решение, на сите усеци, на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, плочести и цевасти пропусти. Треба да се изработи и комплетна проектна документација за девет клучки, проектна документација за позиции кои не биле предвидени во основниот проект, а морале да се предвидат заради неоходно и правилно функционирање на автопатот“, изјави Сугарески.

Тој додаде дека сето ова предизвикало зголемен обем на работа која суштински влијае врз продолжување на рокот, но има и значителни финансиски импликации по однос на конечната вредност на автопатот.

„Тука сакам да нагласам дека анексот кој го прифати Владата се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства, бидејќи се уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително. Најпрво е потребно да заврши проектирање на сите работи што претходно ги спомнав, и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган, ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот“, додаде Сугарески.

Извор Мета

Сподели