Бошњаците во Северна Македонија основаа Бошњачки национален совет

„БНС ќе ги штити, развива и унапредува националните, верските и културолошките интереси на бошњачкиот народ во Република Северна Македонија“, истакна Бабачиќ

Бошњачкиот национален совет (БНС) во Скопје денес одржа прес-конференција на која ја запозна јавноста со неговите цели, при што беше истакнато дека овој совет има за цел да ги претставува националните интереси на бошњачкиот народ кој живее во Република Северна Македонија (РСМ), јавува Anadolu Agency (AA).

Изета Бабачиќ, која е дел од БНС, пред медиумите рече дека по едногодишна интензивна комуникација на бошњачките невладини организации во Република Северна Македонија, донесена е одлука за формирање на една централна организација, која ќе ги обединува овие организации, и за таа цел на ден 19.06.2019 година, е одржано основачко собрание на кое здруженијата „Мерхамет“, „Препород“, „Диванхана“, „Глас Оризара“ и „Културен центар на Бошњаците“ се основачи на Здружението на бошњачките невладини организации кое ќе го носи името Бошњачки национален совет.

Како што појасни таа, овој совет има за цел да ги претставува националните интереси на бошњачкиот народ кој живее во Република Северна Македонија, а исто така ги претставува и поддржува сите бошњачки здруженија и фондации чии активности се насочени кон подобрување на националните права на Бошњаците во РСМ.

Бабачиќ рече дека БНС ќе се залага за подобрување на статусот на бошњачкиот народ во сите области на општеството и на целата територија на Северна Македонија, преку заедничка и координирана соработка со бошњачките невладини организации, но и со истакнати поединци.

„Исто така, БНС ќе ги штити, развива и унапредува националните, верските и културолошките интереси на бошњачкиот народ во Република Северна Македонија. Ќе се грижи за заштита на културно-историските споменици на бошњачкиот народ во РСМ, ќе се залага за зачувување, афирмирање и поголема службена и јавна употреба на босанскиот јазик и писмо во единиците на централната и локалната власт, во образовниот процес, како и во јавните сервиси за информирање“, истакна Бабачиќ.

Таа додаде дека БНС ќе се залага за целосна имплементација на процесот за правична застапеност на Бошњаците во државните и јавните институции, а ќе работи и на поврзување на прекуграничната соработка.

„БНС ќе работи на поврзување на прекуграничната соработка со Бошњаците во духот на европските интеграции, во духот на бошњачката култура и исламската духовност, ќе бидеме отворени за соработка за сите народи, а особено за своите соседи со кои го делиме заедничкото живеење“, рече Бабачиќ.

Хилда Дрпљанин, која е еден од членовите на БНС, рече дека покрај останатите цели, ова здружение има за цел да ја зачува свеста за сите геноциди направени врз бошњачкиот народ.

„Бошњачкиот национален совет ќе се залага за зачувување, поврзување и потполна соработка со националната и духовната матица, Република БиХ. Ќе се залага за зачувување на свеста за сите геноциди кои се направени врз бошњачкиот народ, а со тоа елиминирајќи ја можноста тој геноцид пак да му се случи на ниту еден народ во светот“, истакна Дрпљанин.

Џевад Хот, кој е дел од БНС, изјави дека БНС ќе биде еден од бошњачките национални совети кои делуваат на територијата на поранешна Југославија, изразувајќи надеж дека оваа соработка ќе го подобри статусот на Бошњаците во регионот и во земјава.

Говорејќи за нивните активности, Хот рече дека БНС ќе го одбележи 11 јули – Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, кој со години наназад се одбележува во земјава.

„Првата наша задача ќе биде да организираме уште еднаш потсетување и да биде тоа прва наша работа која што ќе ја направиме. Имаме само уште дваесетина дена до тој датум, освен ова ќе бидат одблежани и сите други значајни датуми за Бошњаците“, истакна Хот.

Бошњаците во Северна Македонија се уставно признаена етничка заедница. Според Пописот на населението во 2002 година, на територијата на Северна Македонија живеат околу 17.018 Бошњаци или околу 0,84 % од вкупното население во државата, а некои бошњачки невладини организации истакнуваат дека оваа бројка е поголема.

Извор (AA) Anadolu Agency

Сподели