Џафери: Упадот на 27 април е најлошото нешто што му се случило на Собранието

Не сум оптоварен временски кога ќе го пуштам законот за јазиците во Службен весник без потписот на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Кога ќе оценам дека треба да се пушти, ќе го пуштам, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

– Доколку законот стапи во сила без потписот на Иванов, тоа нема да значи дека тој е истуркан на сила. Тоа е уставна процедура и нема да го прекршам Уставот ако тој стапи на сила без претседателскиот потпис. Тој има суспензивно право првиот пат да го врати законот, но по второто гласање во Собранието, тој има обврска, должност, да го потпише законот, а со непотпишувањето тој го крши Уставот и ја блокира работата на Собранието затоа што ја доведува во дилема оваа институција дали да носи други закони или не – вели Џафери.

Тој напомена дека за прекршување на Уставот, Деловникот предвидува можност за импичмент на претседателот, но и дека Иванов може да одговара за злоупотреба на службената должност според Кривичниот законик, дело кое што не застарува.

Прашан дали тој, доколку го пушти законот без потпис на Иванов, исто така ќе биде подлежен на кривична одговорност, Џафери рече дека тоа би било случај само доколку тој стави потпис на местото на Иванов.

– Јас би направил кривично дело само доколку ставам потпис на местото каде што пишува Ѓорге Иванов, а јас тоа нема да го направам – додаде Џафери.

За упадот во Собранието на 27 април минатата година кога беа повредени повеќе пратеници и новинари, рече дека е најлошото нешто што и се случило на оваа институција.

– Да се запамети, да не се повтори и да одиме напред. Не беше мој избор да бидам избран за претседател на законодавниот дом на таков начин – кратко рече Џафери.

Тој не сакаше да го коментира судскиот процес за настаните од 27 април затоа што рече дека не сака да се меша во судската власт како што нема да допушти никој да му се меша во законодавната власт.

Џафери информираше дека владејачкото мнозинство и опозицијата постигнале согласност за преостанатите три реформски закони, меѓу кои и законот за судови и дека тие ќе се најдат на дневен ред на пленарна седница на Собранието на 3 мај.

Извор Мета

Сподели