И министерските трошења во бифеата на државните институции ќе бидат објавувани

Не само предложениот дневен ред од седниците на владите, туку актуелната власт планира целосниот усвоен дневен ред, материјалите и записите од седниците на Владата јавно да се објавуваат, рече Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на денешната средба со претставниците на медиумите и невладините организации, на која се расправаше за актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

– Сепак, ве молам за трпение. За да го спроведеме сето ова потребна ни е администрација што може да го следи чекорот. Тука имаме сѐ уште сериозни проблеми. Луѓето се ненавикнати да комуницираат на ваков начин. Тешко разбираат дека нема што да се крие – рече Поповски.

За Законот за медиуми, Поповски рече дека сѐ уште не е одлучено дали тој ќе се менува или не и одлуката за ова допрва треба да се донесе, но вакви дилеми нема кога станува збор за Законот за слободен пристап за информации. Тој бездруго ќе се менува за што дебата е почната, а потребата за ова е утврдена. Измени ќе има околу брзината на доставувањето на информациите, ќе се намали рестриктивноста во однос на информациите кои ќе бидат јавни и ќе се разгледаат ингеренциите на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во однос на објавувањето на документите, кои се неопходни за да се поднесе барање за слободен пристап до информации, досега тие се објавени од страна на министерствата, а оваа листа е проширена и на други институции, додека до општините и оние институции врз кои Владата нема директни ингеренции, испратени се препораки за објавување на овие документи за граѓаните и медиумите да можат полесно да поднесуваат вакви барања.

Поповски додаде и дека Владата започна да ги објавува договорите што се склучуваат со фирмите и другите продавачи на добра и услуги за потребите на државата. Овие договори се објавуваат на страницата на Бирото за јавни набавки, за што тој рече дека не е идеално решение и дека најдобро би било тие да се објавуваат на страниците на министерствата.

Многу брзо ќе почнат да се објавуваат сите трошења и на министрите, замениците министри и државните секретари во министерствата на Владата.

– Сите трошоци што се направени до министрите, замениците министри и државните секретари во периодот 1 јуни – 1 декември, значи првите 6 месеци, ги сублимираме, се изработува софтвер и ќе бидеме подготвени многу скоро да ги објавиме. И во форма на точни финансиски показатели и во форма на наративен извештај којшто треба да ги објасни активностите, трошењата и така натаму. Одевме до детали, има многу нејаснотии кај луѓето што треба да ги пополнат извештаите, се обидуваме со табеларен приказ, со сето она што можеме, да им помогнеме на сите.  Имавме дилема дали бифето во Влада, бифето во Министерството за сообраќај и врски, и тн., подлежат на објавување и, да, подлежат, па на крајот да се види колку вода и колку кафиња сме испиле. Тоа е наша работа и наша обврска – рече Поповски.

Во тек е и декласифицирањето на информациите и Владата работи на тоа, но, Поповски рече дека и тука има проблеми зашто Владата се соочува со прашања од типот од кога, односно од кој датум да почне декласифицирањето.

Сепак, се работи на ова со цел да се декласифицира сѐ што е можно, особено што има многу документи („море од документи“, како што се изрази) кои можат да се декласифицираат зашто, како што рече, навика била порано да се класифицира сѐ и сешто на затворени седници на Владата.

Во текот на расаправата, присутните главно позитивно се изразија за напорите на власта на планот на транспарентноста, додека забелешки имаше за веќе усвоената одредба во новиот Закон за аудио и аудио и визуелни и медиумски услуги со која се утврдува процентот од буџетот, кој ќе и се доделува на Македонската радио телевизија, особено одредбата во која доделувањето на средствата е условено со финансиската состојба на буџетот. Имаше и барања Владата веќе да почне да обраќа повеќе внимание и на транспарентноста и отчетноста на институциите надвор од централната Влада, како што се самостојните агенции, локалната самоуправа и јавните претпријатија, а новинарите од медиумите на албански јазик изразија загриженост и негодување заради затвореноста на коалициониот партнер ДУИ, чии претставници бојкотираат редица медиуми за кои сметаат дека не им се наклонети.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“. 

Извор : META

Сподели