Манчевски: Електронскиот регистар на население нема да го замени пописот

Електронскиот регистар за население треба да биде чекор кон дигитализација на услугите за граѓаните и воопшто не е предвиден да го замени пописот на население, кој ќе го спроведува Државниот завод за статистика, нагласи министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прва јавна дебата за Предлог-законот за централен регистар на население и Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги.

– Електронскиот регистар на население (ЕРН) е основата за нудење на електронски услуги на граѓаните, односно за побрза, поефикасна и поевтина услуга од администрацијата. Во предлог-законот се предвидуваат 17 податоци што ќе се собираат од различни институции, односно ќе се формира своевиден електронски идентитет на граѓаните во формат што ќе може да го користи целата администрација. Но, тоа не е замена за пописот – објасни Манчевски.

На настанот организиран од Министерството за информатичко општество и администрација, министерот посочи дека со оваа дебата, ден по Дигиталниот самит што во изминатите два дена се одржуваше во Скопје, почнува масовната дигитализација и веќе се подготвува техничката основа и софтверот за овој регистар, но и за Националниот портал за електронски услуги, кој треба да профункционира за неколку месеци и ќе овозможи да се избегнат ситуациите од минатото со малтретирање на граѓаните за вадење различни документи.

– Регистарот ќе го правиме со вкрстување податоци од различни институции, за потоа тој да биде појдовна основа за сите институции да ги користат податоците и да даваат електронски услуги, а во некоја идна фаза би се понудил и на комерцијалните субјекти, на пример банки – рече Манчевски.

Тој рече дека регистарот ќе биде и појдовна основа за системот „една точка за услуги“, кој ќе биде сместен во старата зграда на Комерцијална банка веднаш до МОБ. За техничката основа и за софтверот кој ќе овозможи поврзување на државните институции во поглед на податоците на граѓаните и за давањето електронски услуги на граѓаните се предвидени 500.000 евра од ЕУ и 200.000 евра од националниот буџет.

Георги Димитров, меѓународен експерт од Бугарија кој работел на дигитализација на услугите во неговата земја, на дебатата порача дека станува збор за тежок процес, но и дека Македонија е во одлична позиција да го спроведе многу побезболно и поефикасно отколку во некои други земји. Тој напомена дека посебно внимание треба да се посвети на отвореноста на податоците, односно тие да бидат во формат што ќе овозможи лесна машинска обработка, но нагласи дека ќе мора да се преземат сите мерки за строга заштита на приватноста на граѓаните, односно заштитата на нивните податоци од злоупотреби.

Извор Мета

Сподели