Народна банка ја намали каматната стапка од 3,25 на 3 проценти

Народна банка ја намали каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, од 3,25 на 3 проценти.

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ ги разгледал најновите остварувања во домашната економија и оценил дека има простор за олабавување на монетарната политика.

„Воедно, беше утврдено понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст. Истовремено, последните оцени за растот на клучните трговски партнери посочуваат на подобро надворешно окружување од очекуваното досега и со тоа подобар амбиент и помали ризици за домашната економија“, се вели во соопштението на НБРМ.

Имајќи го предвид релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, се очекува тие да ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година.

Во однос на домашната економија, за првиот квартал од годината, податоците за индустријата и трговијата сигнализираат подобрување на состојбата, велат од НБРМ.

Извор Мета

Сподели