По вчерашниот голем пад, цените на нафтата во пораст

На главните пазари за сурова нафта денеска цените на нафтата повторно се во пораст, откако вчера го доживеаја најголемиот пад во последните две години.

Брент суровата нафта вчера доживеа пад на цената од 6,9 отсто, што е најголемиот пад во последните две години и достигна до цена од 73,4 долари за барел. Американската сурова нафта поевтини за пет отсто, и по овој најголем пад на цената во последната година, се нудеше за цена од 70,38 долари за барел.

Аналитичарите тоа го припишаа на соопштението од Националната нафтна компанија на Либија дека повторно ќе отвори четири терминали за извоз што беа затворени кон крајот на минатиот месец и дека ќе го зголеми производството. Поевтинувањето не беше спречено ниту од соопштението од американската влада дека резервите на американска сурова нафта се намалиле за 12 милиони барели во минатата седмица.

Сепак, денеска на светските берзи, суровата нафта повторно поскапе, па американската нафта на њујоршката берза се нуди за 70,88 долари, што е половина долар повеќе од вчера.

Брент суровата нафта на лондонската берза денеска поскапе за 1,38 долари, на 74,76 долари за барел.

Извор Мета

Сподели