Со помош на УСАИД се отвори првиот центар за поддршка на млади лица со попреченост

Проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија, организираше завршен настан и официјална промоција на првиот центар во Македонија и во регионот, што ќе нуди услуги на млади лица со попреченост и ќе ги оспособи да можат да започнат кариери во ИТ-секторот.

Исто така, центарот „ХабИТ“ ќе обезбедува услуги за компании за да ја зголемат пристапноста на своите услуги и производи.

„Ние сме горди на нашите учесници на проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија, бидејќи тие ги разбија митовите и му покажаа на бизнис-секторот дека младите луѓе со попреченост можат да бидат вработени и целосно да придонесуваат во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во Македонија“, рече амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

„ХабИТ“ беше основан од проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија и дополнително награден како успешен концепт за социјално претприемништво од проектот на Европска Унија „Смарт старт“.

Овој проект на УСАИД поттикна социјална инклузија на млади лица со попреченост на пазарот на трудот преку нивно интегрирање во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во земјава.

Проектот беше имплементиран од фондацијата „иВоте“ во соработка со „Отворете ги прозорците“ и „Здруженито на студенти и млади лица со попреченост“ во Македонија.

Извор : МЕТА

Сподели