Субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе се исплаќаат од следната недела

Денеска во Службен весник се објавија измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, со што, се создадоа законски услови за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Дел од измените на овој закон предвидуваат одложување на важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи, што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. Од денеска до крајот на оваа недела, Платежната агенција ќе ги спроведе законските контроли во откупните претпријатија, по што ќе следува обработка на решенијата за исплата на субвенциите за тутунот“, се вели во соопштението.

Според податоците, зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе добијат над 23.400 тутунари.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, додаваат од МЗШВ.

Тутуно-производството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно.

Извор Мета

Сподели