Во Москва прославена 13-годишнината од Македонско-руската стопанска комора

Македонско-руската стопанска комора и нејзината активност во сите овие изминати години придонесе за пораст на економската соработка меѓу двете земји и за успешен влез на низа македонски производи на рускиот пазар, рече Димитри Бистров регионален директор на одделот за Меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската федерација, со која Македонско-руската стопанска комора има партнерски однос.

На одбележување на 13-годишнината од основањето на Македонско-руската стопанска комора која се одржа во комлексот „Фуд сити“, присуствуваа претставници на бизнисот од Македонија и Русија, челните луѓе од низа трговски претставништва на земјите од Евроазиската унија, претставници на Евроазискиот деловен сојуз и на други деловни асоцијации.

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, подвлече дека во вкупниот обем на размената пораснал во сите сегменти, но највисок раст забележал македонскиот извоз за 10,6 отсто. Размената лани достигнала 202 милиони долари со пораст од 5,6 отсто и годинава очекува таа да биде уште повисока.

– Ваквиот тренд на придвижување нагоре продолжува и на стартот од 2018 година. Вкупната размена во јануари скокнала за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 проценти. Меѓутоа, во размената со Руската федерација земјава остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони долари, кој се должи на македонскиот увоз на нафта и гас. За негово врамнотежување мора постојано да го зголемуваме нашиот извоз – додаде Бешлиев.

Проектот „Македонски дом“ формиран во партнерство на Македонско-руската стопанска комора и со поддршка на Стопанската комора на Москва, помогнал на рускиот пазар да се појават производи кои досега не се извезувале во оваа земја.

– Руските потрошувачи веќе може да се снабдуваат со кондиторски производи, вода, сирење, кроасани, ајвар, бурек од „Кадино“. За македонските компании, членки на „Македонски дом“, кои се веќе 18 на број, обезбедуваме комплетна услуга за настап на рускиот пазар од сертификација до продажба, како и целосна царинска и правна подршка. Во првата година постигнавме голем успех, бидејќи руските потрошувачи почнаа да ги препознаваат македонските производи – истакна Ина Владимирновна Жарова, генерален директор на „Македонски дом“.

Извор Мета

Сподели